ПРИДОБИВКИ ОД СПОРТСКИОТ ТУРИЗАМ

 

Придобивки од спортскиот туризам

Една од воопшто најбрзорастечките стопански дејности во светот, на која многу земји и даваат третман дури и на индустриска гранка, е туризмот. Како таква, од истиот многу држави имаат голем придонес во реализацијата на сопствениот бруто домашен производ (БДП), а кој во некои држави и региони е поголем дури и од 25% од вкупниот бруто домашен производ. Така, најголемиот број европски, но и голем број останати држави во светот, издвојуваат сериозни и капитални вложувања во развојот на сите видови туризам, а посебно на спортскиот кој, според Европската комјунити и спорт со извештајот од 1994 година, наведуваат податоци кој велат дека спортскиот туризам, изразен со терминот спортска индустрија, учествува со 2,5% од вкупната светска трговија за истата таа година. Тоа е гранка од стопанството која непрекинато се развива и позитивно напредува во сите сегменти на општеството. Како таква, најголемиот број експерти кои се занимаваат со оваа проблематика тврдат дека на истата треба да и се посвети исклучително големо влијание и да и се дадат поголем број предности во однос на некои останати стопански гранки, или нивни поедини сегменти и делови.
Спортскиот туризам пак, како гранка од туризмот, со напредокот на технологијата и начинот на живеење на луѓето станува се попопуларен во светот и истиот претставува еден од водечките сегменти во туристичката индустрија.
Спортскиот туризам според Светската туристичка организација (WTO) се дефинира како „Специфично патување надвор од вообичаената средина за пасивно или активно вклучување во натпреварувачкиот спорт, каде спортот е примарна мотивациска причина за патувањето и туристичкиот или елементот за одмор, кои можат да дејствуваат за да се зајакне целокупното искуство, 26,2010 година“.
Со ваквиот брз напредок на туризмот, а посебно на спортскиот, може да се воочат голем број придобивки кои ги ползува општеството, како што се на пример: економските, социјалните, културните, психолошките, здравствените, етичките и многу други.
За да му се посвети поголемо внимание на овој вид туризам, а со неговото стратешко управување и имплементирање да се зголемат сите понапред наведени но и сите останати придобивки, многу е битно сериозно да се разберат и прифатат сите можни бенифити, односно корисности, од овој вид туризам.

Сепак, со оглед на тоа дека во овој кус текст најмногу станува збор за економските придобивки, тие претставуваат всушност и најчест предмет на истражување при изработката на апликативни идеи и проекти кои се однесуваат на ваквиот тип туризам.
Поради позитивните ефекти преку кои спортскиот туризам нуди многу придобивки во разни сектори од стопанството, во високо развиените земји во светот е на врвот од туристичката индустрија. Истиот најповеќе е на ,,цена,, во Англија, Германија, Шкотска, Австралија, Соединетите Американски Држави, Канада, земји во коишто се формирани и разни асоцијации, алијанси и институции кои се занимаваат со развој и поддршка на овој вид туризам (Canadian Sport Tourism Alliance, National Association of Sports Commissions и др.)
Во таа насока спортот и туризмот, се разбира следејќи ги како една целовитост, според некои истражувања, како што се на пример оние направени од страна на најкомпетентната институција за ваков вид истражувања како што е ,,Evolution and development I sports tourism,, според истражувањето направено помеѓу 2010 и 2011 година, се очекува во глобалниот домашен производ во најголемиот број високоразвиени европски и светски земји спортскиот туризам да учествуваат со просечно 10%.
Според истражувањето на Канадската алијанса за спортски туризам (Canadian Sport Tourism Alliance) во Канада во 2010 година се потрошени 3,6 милијарди долари од спортските туристи, а за 8.8% бил зголемен овој промет во споредба со 2008 година.
Според друго истражување кое го спровела Светската туристичка организација (WTO) во Соединетите Американски Држави во 1999 година е проценето дека по основ на спортскиот туризам се потрошени 44 милијарди долари.
Интересен е и податокот според анализите на Бирото за туристичко истражување на Австралија (The Bureau of Tourism Research) дека во истата земја на основа на дневни патувања поврзани со спортот, таканаречените домашни спортските туристи (domestic sport tourists), односно тие кои живеат во Австралија трошат неверојатни 461 милион долари на годишно ниво во својата држава.

Во однос, пак, на социо-културните придобивки може да се каже дека тие се многубројни и најразноврсни, а како едни од најбитните се јакнењето на националниот идентитет и чувство на припадност, зближување и почитување на различните култури и цивилизации во дружењето помеѓу спортистите, без разлика на нивната верска, културна или национална припадност и сл.
Во делот пак на вработувањето, за време на одржувањето на Олимписките игри во Барцелона во 1992, само во периодот помеѓу 1986 и 1992 бројката на невработеност се намалила од 127,774 на 60,885, со што, аналогно на тоа, се намалила стапката на невработеноста од 18,4% на 9,6 % , на регионално ниво, а истата, сметајќи на национално ниво, се намалила од 20,9% на 15,5%.
И во културата на нашата нација длабоко е втемелен спортот, а со развивање на спортот и на спортскиот туризам, може темелно да се влијае и на етичкото однесување на целиот народ, бидејќи составен дел на спортот и патувањето е доброто и дисциплинирано однесување, водење на здрав живот, културното однесување како и многу други етички норми.
Или воопштено, како генерални придобивки од спортскиот туризам може да се издвојат неколку позначајни, и тоа: креирање економски раст со исполнување на хотелските, ресторантските и останатите капацитети, претставување на туристичкиот пазар во светот, креирање нови продукти – нови туристички дестинации, инфраструктурно развивање и подобрување и слично.
Според горенаведеното можеме да заклучиме дека релевантните фактори во нашата држава треба час поскоро да ги разберат и прифатат сите бенефити од спортскиот туризам од страна на оние институции и поединци кои се занимаваат сериозно со оваа проблематика, за потоа да се започне со стратешко развивање на истиот, како би се оствариле ефектите за кои говоревме нешто понапред. Едни од мерките кои би требало да се превземат се субвенционирање на спортските и репетативните туристи, даночно ослободување на приватниот сектор кој би инвестирал во спортот, а со тоа индиректно и во спортскиот туризам, инвестирање во спортско-туристички инфраструктурни објекти, односно во таа насока, треба да се направи една сериозна стратегија за развојот не само на спортот, туку и на спортскиот туризам, а овде примарна улога би имала Агенцијата за спорт и млади, Министерството за економија, Агенцијата за туризам и сите останати институции и структури коишто се занимаваат со оваа проблематика.

Автор: M-р Дарко Панов

Превземено од: http://www.igeografija.mk