ОПСЕРВАТОРИЈА КОКИНО

 

ОПСЕРВАТОРИЈА

 

Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа на две платформи при што секоја од нив има свои карактеристични содржини. Должината на опсерваторијата е околу 90 метри, а ширината околу 50 метри. Троновите се највпечатливата содржина која на прв поглед се гледа на локалитетот. Тие како што веќе кажавме се така направени што се ориентирани во насоката север – југ, па затоа човекот кој седи на престолот е ориентиран кон исток и кон источниот хоризонт. Оттаму потекнала и идејата на археолозите дека од ова место се набљудувале небесните тела кои изгревале на хоризонтот. Но, астрономските мерења и анализа покажаа дека троновите се свето и обредно место и не се поврзани со астрономските набљудувања.
За да се одговори на прашањето зошто ова место е древна опсерваторија, треба да се потсетиме на основните карактарестики на движењето на Сонцето и Месечината.

 Во текот на една календарска година Сонцето и полната Месечина изгреваат на различни места на хоризонтот. При тоа има така наречени крајни точки на изгревање на хоризонтот. Тоа значи дека Сонцето во зима кога денот е најкус, или во денот на зимската краткодневица (22. декември) изгрева најјужно на хоризонтот. Потоа, секој ден, тоа оди кон север и во денот на пролетната рамнодневица (21 март) Сонцето изгрева точно на исток. Сонцето продолжува да се движи кон север, должината на денот се зголемува и во денот на летната долгодневица (21 јуни) Сонцето ќе изгрее најсеверно на хоризонтот. Потоа Сонцето се враќа назад и во денот на есенската рамнодневица (23. септември) повторно ќе изгрее точно на исток, а  22 декември ќе го заокружи циклусот со  изгревање во точката на зимската краткодневица. Секој внимателен набљудувач на Сонцето тоа лесно може да го забележи и да ги маркира местата на изгревање на Сонцето во деновите на зимската краткодневица, пролетната и есенска рамнодневица и летната долгодневица.

Такви камени маркери се откриени на Мегалитската опсерваторија Кокино при што маркерот на летната долгоденица е добро сочуван, маркерот на пролетната и есенска рамноденица малку е оштетен, а најголеми оштетувања претрпел маркерот на зимската краткоденица. Овие оштетувања се должат најверојтно на катастрофалните земјотреси. Месечината има малку посложено движење и обележувањата на местата на изгревање на полната Месечина на хоризонтот доста се тешки. Наједноставно е да се каже дека во текот на зимата таа се движи на небото на места каде што се движи Сонцето летно време, а летно време на местата на небото каде што се движи Сонцето зимно време. Зато околу маркерите на летната долгодневица и на зимската краткодневица лево и десно треба да има по два камени маркери кои ќе ги означуваат местата на изгревање на полната  Месечината во, за неа, карактеристичните екстремни позиции.

Овие камени маркери исто така постојат на просторот на древната опсерваторија. За да локалитетот биде опсерваторија треба да е исполнет уште еден многу важен услов. Сите седум маркери треба да се гледаат од едно исто место, или линиите кои поминуваат низ маркерите треба да се сечат во една точка, која всушност е централна точка на опсерваторијата и која исто така е идентификувана на локалитетот.

Археоастрономската анализа помогна прецизно да се утврди и времето на изградба на камените маркери кои ги означувале маестата на изгревање на Сонцето и на Месечината на хоризонтот. Анали- зата покажа дека камените маркери се изградени во децениите околу 1800 година пред нашата ера, што значи дека Мегалитската опсерваторија Кокино е стара најмалку 3 800 години. Дека навистина станува збор за маркирање на местата на изгревањена Сонцето и Месечината покажуваат и документарните фотографии на изгревање на Сонцето над камениот маркерво денот на летната долгодневица. Заради прецесијата на земјината оска на ротација денес Сонцето изгрева малку подоле и полево од маркерот, но токму тоа е доказ за прецизноста на поставениот камен маркер, затоа што овие отстапувања ги предвидува и егзатната астрономска анализа.
Ваквите факти ги уважи и Американската вселенска агенција НАСА и во 2005 година ја рангираше Мегалитската опсерваторија Кокино на 4-тото место на листата на стари опсерватории во светот.             

 

Текстот е превземен од:  https://kokinomk.wordpress.com