КАМП ТУРИЗАМ, НЕИСКОРИСТЕНА МОЖНОСТ ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Камп туризам, неискористена можност за Република Македонија!

 

Кампувањето претставува рекреативна активност но и активност во која луѓето престојуваат повремено, надвор од нивното постојано место на живеење (www.ficc.org Интернационална федерација за кампување, караванинг и автокараванинг).
Камп туризмот како посебна туристичка форма која произлегува од кампингот како целина полека но сигурно се етаблира на светските туристички берзи како еден од најатрактивните но и најдоходовните селективни облици на туризам.

Според Службен весник на РМ (3-2013) кампот се дефинира како угостителска деловна единица што дава уредено земјиште на кое гостинот поставува своја или во кампот изнајмена опрема за сместување (камп приколки или шатор, маса и столови, лежалки и др.) и простор за сместување на возило.
Овие сместувачки објекти можат да се класифицираат врз основа на повеќе критериуми, но веројатно најважна е поделбата во зависност од сопственоста која ги двои на општестевени и приватни. Понатаму во зависност од функционалноста се издвојуваат автокампови, караван кампови и мешовити (авто и караван кампови). Разликата помеѓу нив се гледа во олеснетата пристапност на соодветните возила.
Сите кампови, вклучително и автокамповите треба да нудат пропишани услови (како материјално-технички така и во однос на услугите кои се нудат но и професионалноста на давателите на услугите) за престој на посетителите, и нормално во зависност од условите кои се нудат истите се класифицираат во соодветна категорија. Според Службен весник на РМ (3-2013) се издвојуваат четири категории на кампови, и тоа прва (највисока категорија), втора, трета и четврта категорија. Категоризацијата на истите ја врши Комисија за категоризација на автокампови составена од шест члена и тоа по еден претставник од Агенцијата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерство за здравство, Министерството за труд и социјална политика и од единицата на локалната самоуправа во која се формира автокампот.
Во Република Македонија состојбата со камп туризмот, но и со авто камп туризмот е изразито незадоволителна, ако се знае со кои потенцијали располагаме како дестинација за развој на овој вид туризам. Имено, во државава се забележуваат десетина камп населби, лоцирани најчесто во крајезерските делови (кои во периодот на изградбата на овие камп населби, а и денес претставуваат најзначајните туристички центри во државата) од кои поголемиот број се застарени, делумно или целосно руинирани, но евидентирани се и нови кампови (чиј број за жал е многу мал) изградени според современи стандарди.
Како делумно или целосно реновирани и актуелно – атрактивни камп населби во земјава се издвојуваат:

Автокамп Градиште – Охрид;
Автокамп АС – Струга;
Воен камп Свети Наум – Охрид;
Автокамп Крани – Преспа;
Автокамп Партизан – Дојран;
Автокамп Љубаништа – Охрид;
Автокамп Извиднички центар – Охрид;
Автокамп Белви – Скопје.

Денешниот рецептивен капацитет на наведените автокампови не е на посакуваното ниво и е далеку од оној капацитет кој истите го имале претходно. Имено истите се оставени немо да сведочат за времињата кога биле со целосно исполнети капацитети како од домашни така и од странски туристи. Од наведените автокампови мал дел функционираат успешно и бележат позитивни резултати, како што е примерот на автокампот АС (според чии податоци само во последната сезона биле реализирани 24.899 ноќевања од 2.727 туристи), автокампот Крани, автокампот Градиште и автокампот Белви кај Скопје.
Според податоците од државниот завод за статистика од вкупниот број на евидентирани туристи по деловни единици (за 2014-та) – 735.050, 15.903 се во камповите, а од вкупниот број на евидентирани ноќевања (2.195.883) во 2014 година, 58.207 се евидентирани во камповите, што претставува 2,65% од вкупниот број на ноќевања и бројот на евидентирани странски туристи во камповите изнесува 5.732 што е 9,85% од вкупната сума на евидентирани ноќевања во камповите како деловни единици. Во Европа пак, според www.civd.de (во 2011-та) близу 15% од туристичките ноќевања се реализирани преку кампување, кои креирале туристички промет од 3,6 млд евра само од ноќевања, или заедно со дополнителната (т.н. вонпансионска) потрошувачка (храна, посета на културни знаменитости, забава и сл.) прометот изнесува приближно 13 млд евра годишно. Соседната Србија (која формираше и кампинг асоцијација сериозно работи на подобрување на условите за развој на камп туризмот, според која (www.camping.rs) во 2014-та година се забележани околу 50.000 ноќевања), додека Хрватска според www.civd.de (во која камп туризмот учествува со 25% од вкупните туристички текови во земјата) е една од земјите со најголем број на дестинации за некои од облиците за кампување.
Денес Република Македонија не е членка на интернационалната федерација за кампување, што би требало да се промени ако ги следиме трендовите во туризмот кои предвидуваат зголемена мобилност на туристите и промена во побарувањата, како и приходите кои се реализираат од овој тип на туризам.
Она што никако не би смееле да го изоставиме е дека ние како држава овој брзорастечки туризам треба да го поставиме во центарот на нашето внимание и сериозно да се насочиме кон негово што понапредно развивање што е сосема логично ако знаеме дека имаме одлични потенцијали за негов перманентен развој, како географската положба, транзитниот карактер на земјата, природните и антропогените вредности, издвојувајќи ги пејсажите, водите, климата, гостопримството и храната и секако висината на цените за услугите поврзани со авто камповите (едно вакво ноќевање во просек во една камп приколка изнесува околу 20 евра во денарска противвредност за целиот објект, што е навистина скромна сума, а слична е и висината на цените за обезбедување на простор за кампување и пристап до електрична енергија).
Наведените показатели надополнети со сознанијата кои велат дека камп туризмот е најотпорен во услови на економска криза, просечниот број на ноќевања на камп туристите, разновидната структура на туристите (сочинета од млади луѓе, семејства со деца, пензиониери) се само причина повеќе да се насочиме кон развој на овој вид на туризам во земјава.
На крајот мораме да ги прифатиме и забелешките и критиките на светската кампинг асоцијација кои велат дека како држава неопходно е да имаме посериозен пристап кон подобрување на условите за развој на овој вид на туризам, на национално, државно и институционално ниво, преку изградба на нови камп простори на крајбрежјето на природните и вештачките езера во земјава, во близина на бањите, долж коридорот и на планините.
Во таа насока коренитите и стратешки поставени промени и чекори ќе не доведат до позитивни мерливи резултати изразени со зголемен број на кампинг ноќевања со двоцифрено учество на овој тип на туризам во вкупните туристички текови во земјава.

 

Автор: М-р Христина Димеска

Преземено од: http://www.igeografija.mk